Комисијата за натпреварување во рамки на ФФМ донесе предлог одлуки за продолжување на сезоната 2019/2020 од Прва МФЛ која беше прекината во март поради пандемијата.
Се предлага да се доиграат уште четири кола од третиот круг, а потоа плеј-оф и плеј-аут да биде без испаѓање.
– Одигрување на четирите преостанати кола од третиот круг, а потоа преминување на одигрување на плеј-оф (првите шест екипи по завршување на третиот круг). Првопласираните три екипи по крајот од плеј-офот се стекнуваат со право на учество во УЕФА европските натпреварувања. Плеј-аут (последно пласираните четири екипи по завршување на третиот круг) БЕЗ ИСПАЃАЊЕ на последните две екипи по крајот од плеј-аут фазата. Одигрување на Купот на Македонија со еден полуфинален натпревар и финален натпревар. Победникот од Купот на Македонија обезбедува пласман во УЕФА европските натпреварувања, предлага Комисијата за натпреварување во ФФМ.
Првата фудбалска лига би требало да продолжи во средината на јули.
Сите натпревари ќе се играат без присуство на гледачи на стадионите, а ќе биде ограничен и бројот на присутни лица кои ќе бидат дел од организацијата на натпреварите.
Екипите од Втора МФЛ нема да го продолжат натпреварувањето од сезоната 2019/2020, а Комисијата за натпреварување препорачува истото да го следат и тимовите од Трета МФЛ, како и останатите пониски лиги.