Заменик министерот за животна средина и просторно планирање Стево Темелковски, директорите на јавните претпријатија „Македонски шуми“ и „Државни патишта“ Жарко Караџоски и Љупчо Ѓорѓиевски и градоначалникот на општина Петровец Борче Митевски денеска засадија декоративни садници покрај автопатот „Александар Македонски“.
Во рамки на акцијата предвидено е да бидат засадени 5.000 декоративни садници покрај автопатот Катланово-Хиподром, на клучката пред и после патарината кај Петровец. Засадувањето почна од патарината кај село Петровец и е дел од пролетната акција „Ден на дрвото“.
Потенцирајќи го значењето на зеленилото покрај автопатот и патиштата низ државата, Темелковски рече дека на тој начин, зелениот појас ќе ја собира прашината и јаглеродниот диоксид, ублажувајќи ги негативните влијанија од издувните гасови и разубавувајќи ја околината.
Караџоски информираше дека обезбедени се декоративни садници, аризонски чемпрес, јасен, каталпа, келерутерија, јавор и туја.
За грижата за садниците, тој посочи дека „Македонски шуми“ има ангажирано свое возило – цистерна со кое ќе се врши полевање за да не дојде до сушење, додека „Државни патишта“ и „Македонија пат“, ќе се грижат за чување на садниците од физички оштетувања и корнење, како и за плевење и чистење на површината.
Со акцијата предвидено е да се опфати должината на целиот автопат со што директно ќе се влијае на подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух на најфрекфентната сообраќајна делница во државата, како и на урбаните населби во нејзината близина.