Од печат излезе Зборникот на научни трудови „Антевото дело – непресушен изворник на мислата и на речта“ во издание на Меѓународната културно поетска манифестација „Антево перо“.
Зборникот на едно место донесува нови и досега главно непознати за јавноста научни согледувања за ликот и делото на Анте Поповски, пред се од аспект на неговото литературно творештво, поезијата, есеистиката,но и од гледна точка на пошироката негова дејност (новинарска, општествено-политичка, итн).
– Овој труд воедно нуди нови научно фундирани сознајби за Анте Поповски и како културен придвижник, мисионер, културолог, но и филозоф на уметностите, соопшти Меѓународната културно поетска манифестација „Антево перо“.
Со свои излагања во Зборникот се застапени проф. д-р Венко Андоновски, проф. д-р Кристина Николовска, Панде Колемишевски, проф. д-р Христо Петрески и м-р Ана Петреска, д-р Атина Цветаноска, доцент д-р Атанас Чупоски, м-р Симона Петровска, м-р Наташа Данчевска, м-р Митра Блажевска и Митко Гогов.
Се разгледува можноста да бидат организирани неколку промоции на Зборникот за пошироката јавност, а нема да изостане и поставувањето, односно претставувањето на овој драгоцен документ во електронска форма на социјалната мрежа Фејсбук, на профилот на манифестацијата „Антево перо“, наведува издавачот.
– Со публикувњето на Зборникот, практично е означен стартот на Манифестацијата „Антево перо“ за 2020 година, вели уредникот на изданието, Жорж Поповски, кој смета дека не можеше да се случи подобра промоција на програмата на овогодинештото „Антево перо“.
За неколку дена ќе биде распишан и традиционалниот Конкурс за доделување на наградата „Антево перо“ востановена во чест на творештвото на Анте Поповски, која се доделува за необјавен поетски ракопис на македонски јазик.
Без оглед на прескромниот и лимитиран буџет и за годинава организаторите на Манифестацијата најавуваат неколку содржини кои по својот карактер и начинот на кој ќе бидат организирани, ќе бидат уникатни и досега незабележни на овие простори, се додава во соопштението на Меѓународната културно поетска манифестација „Антево перо“.