Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) апелира до потрошувачите да продолжат да ги користат новите дигитални услуги од енергетските компании, но и од комуналните претпријатија се додека е на сила вонредната состојба, но и во периодот до враќање во нормала.
Со дигиталните услуги, како што велат од РКЕ, се избегнува физичкиот контакт, а се овозможува отчитување на броила и водомери.
-Во изминатиот период на вонредна состојба компаниите врз коишто имаме надлежност ги приспособија услугите согласно насоките и препораките од Министерството за здравство и Владата со цел да се заштити здравјето на граѓаните. Дел од нив, понудија решенија со коишто побрзо, поедноставно и без физички контакт се овозможи прибирање на податоци неопходни за непречено функционирање на системот, изјави претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.
Сакам да апелирам до потрошувачите, доддаде, да ги користат овие дигитални услуги како што е онлајн пријавување на состојба на броило во ЕВН, со што врз основа на овие податоци за потрошувачката на електрична енергија во висока и ниска тарифа ќе добијат реална фактура за потрошената електрична енергија.
-Истото се однесува и за можноста што ја нуди ЈП Водовод и канализација – Скопје преку мобилна апликација за пријавување на состојба на водомер од 10-ти до 16-ти секој месец, потенцира Бислимоски.