Една бремена жена изврши самоубиство фрлајќи се од покривот на катната гаража во градот Лоустофт, во англиската област Сафолк. Три часа подоцна, полицијата ги откри и мртвите тела на нејзините три малолетни деца во една семејна куќа на околу еден километар одалеченост од катната гаража.
Полицајата потврди дека 23-годишната Фиона Андерсон, која била во осми месец бременост, починала како последица на тешките повреди на главата, но засега не знае која е причината за смртта на децата на возраст од три години, две години и 11 месеци.
Лондонските таблоиди тврдат дека станува збор за семејна трагедија, во која младата мајка прво ги убила своите деца, а потоа и се самоубила. Полицијата, меѓутоа, одбива да ја потврди оваа верзија, наведувајќи дека ги нема комплетирано сознанијата за тоа што навистина се случило.
Единствено што стана достапно од истрагата е пораката што Андерсон ја напишала на Фејсбук, во која порачува дека ќе ги сака пријателите засекогаш и нема никогаш да ги остави.
Пријателите на Фиона Андерсон ја опишуваат како „добра мајка, која се грижи и ги сака своите деца“. Тие веруваат дека таа била потресена кога нејзиниот партнер и татко на сите деца ја оставил поради друга жена.
Пријателите на Андерсон откриваат дека таа поднела барање за социјална помош, но велат дека ништо не навестувало дека може да се случи ваква трагедија.
Полицијата од Сафолк соопшти дека смртта на трите деца ја третира како „сомнителна“.