По 44 дена, односно месец и пол пауза, односно затворени ординации започнуваат со работа сите стоматолошки ординации. Ова следува по препорака на Комисијата за заразни болести. На веб-страницата од Стоматолошката комора е објавен дописот од ФЗО, со кои се наложува и почитување на протоколите и упатставата за работа.
„По препорака на Комисијата за заразни болести, од 13.05.2020 година сите стоматолошки ординации во Република Северна Македонија започнуваат со работа. Со тоа стоматолошките услуги на осигурените лица ќе ги пружаат избраните лекари стоматолози и лекарите специјалисти од дејноста орална хирургија, ортодонција и протетика. При тоа сите стоматолошки здравствени установи кои се во мрежата, се ставаат во рестриктивен режим на работење, со што се должни да се придржуваат кон протоколите и упатствата за работа во услови на сеуште постоечка закана од инфекција со COVID 19, изготвени од страна на Стоматолошка комора на Северна Македонија“, се надевдува во известувањето од ФЗО.
Во протоколите пак, пишува дека на влезот од ординацијата мора да има крпа со дезинфициенс на обувките, а во чекалницата, дезинфициенс за рацете. Пациентите кои ќе одат на заболекар, ќе требаат да ги остават сите предмети кои не можат да се дезинфицираат во чекалницата, каде ќе може да чекаат максимум две лица. Задолжително е носењето и на заштитна опрема при влегувањето во ординацијата, кога ќе се мери и температурата на пациентот со безконтактен топломер.
Дополнително, пациентот ќе мора да одговара и на епидемиолошкиот прашалник кој ќе го поставува стоматологот, по што ќе се одлучи дали ќе може да му се направи интервенција. Стоматолошките термини ќе треба да се закажуваат преку телефонски повик.
Од 30 март до сега, работеа само 21 стоматолошка служба низ целата држава, од кои, 3 беа во цело Скопје, лоцинари во Аеродром, Чаир и Ѓорче Петров. Во текот на овој период, граѓани со забоболки и отоци се жалеа дека не можат да направат интервенција на забите бидејќи се затворени приватните стоматолошки ординации каде се лекувале. Дел од нив, тврдеа дека услуга не можеа да ја добијат ниту во јавните ординации, со образложение од вработените не ги вклучуваат инструментите за работа, односно, не пломбираат, не лекуваат заби, туку даваат само инјекции за смирување на болка доколку пациентот ја има. За ваквите случаи, вонреден инспекциски надзор прашвеше Државниот санитарен и здравствен инспекторат.