Со перформансот „Кога светлината згаснува“ на Националниот балет од Косово, во кореографија на Антонио Пио Фини, вечер во Младинскиот културен центар ќе заврши 9. издание на „Танц-фест“.
Годинашново издание на „Танц-фест“ беше отворено на 12 април со претставата „Надеж. Вечер со Бетовен“ на Државната опера и балет од Анталија, a во режија и кореографија на Рисима Рисимкин. На свеченото отворање на фестивалот, што се одржа во Македонската опера и балет на водечкиот танчер во „Бољшој театарот“, на Владимир Викторович Васиљев му беше доделена наградата за врвни достигнувања во областа на танцот „Менада“. За оваа награда едногласно одлучи Советот на фестивалот.
Во рамки на „Танц-фест“, во саботата во Младинскиот културен центар Battery Dance Company од САД одржа едукативна програма „Dance to connect“, а се претстави и со „Autobiographica“. На сцената „Зебра“ синоќа се претстави првата генерација дипломирани кореографи од Скопје танц академијата со современата кореографија „Хот“ составена од три дела – „Загреј го студот“ на Матеја Киселичка, „Патот на љубовта“ на Андријана Атанасова и „Патот на еволуцијата“ на Љупчо Атанасов, изработени под менторство на нивната професорка Рисимкин, уметнички директор на „Скопје танцов театар“. Синоќа беше изведен и перформансот „Импакт“ на Игор Киров, во кој настапија четири танчари.