Македонскиот ракометен шампион Металург за пласман во групите од Лигата на шампионите ќе мора да биде прв во квалификационата група.
Прв ривал на тимот од „Автокоманда“ ќе му биде екипата на Алпла Хард (Австрија), а доколку победи Металург ќе игра против поуспешниот од дуелот Хаслум (Норвешка) и Динамо Полтава (Украина).
Металург се наоѓа во групата „2“. Според првичните информации кои доаѓаат од ЕХФ организатор (домаќин) на групата ќе биде норвешки Хаслум, а термините за одигрување на натпреварите се 8 и 9 септември.
Лани на натпревар од квалификациите Металург во решавачкиот дуел го победи токму Хаслум со 29:28.
ЖРК Металург натпреварите од квалификациите од Лигата на шампионите ќе ги почне со дуелот во групата против Бјасен од Норвешка, екипа од која лани во квалификациите во Скопје загуби со 20:17.
Покрај оваа двојка во полуфиналето во групата „2“ играат уште Букстехуде (Германија) – Далфсен (Холандија).
Победниците од полуфиналните мечеви, во финалето ќе играат за влез во групната фаза.
Домаќин на овие натпревари е норвешки Бјасен, а термини за одигрување се 22 и 23 септември.