Англискиот фудбалски клуб Ливерпул нема да продолжи со целосни тренинзи, и покрај новите мерки на владата, откри „Ливерпул ехо“.
„Црвените“ го прекинаа масовниот тренинг доброволно на 13 март и ја отворија својата база во петок, но само по тројца играчи пристигнуваат во исто време, за да останат фит.
Во неделата вечерта, премиерот Борис Џонсон најави укинување на некои клучни мерки и голем број сектори сега можат да се вратат на работа.
Во сегашната ситуација, секој што не е во можност да работи од дома, како што е секторот за производство и градежништво, е охрабрен да се врати на работа, рече Џонсон во обраќањето пред нацијата во неделата вечерта.
Сепак, „Ливерпул Ехо“ тврди дека Ливерпул нема да ја отвори својата база за масовен тренинг и наместо тоа ќе чека официјалниот протокол на Премиер лигата.