Италијанскиот министер за спорт, Винченцо Спадафора, во средата предупреди дека е невозможно да се одреди датум за враќање на сезоната во Серија „А“ со оглед на пандемијата од коронавирус.
– Сите се надеваме дека првенствата ќе можат да се обноват, но во исто време сега е невозможно да се објави одреден датум. Мора да почекаме податоци за развојот на коронавирусот во наредните две недели, откако пред само два дена земјата започна постепено да ги олабавува мерките. Само тогаш владата ќе може да одлучи, рече тој пред италијанскиот парламент.
Локалниот фудбал е суспендиран од 10 март поради глобалната криза, во која животот го загубија повеќе од 29.000 луѓе во Италија.
Играчите добија дозвола да се вратат на индивидуални тренинзи во тимските спортски објекти оваа недела, но мора да почекаат до 18 мај пред да добијат дозвола за групни активности.
Во четврток, Италијанската фудбалска федерација ќе се состане со владината Комисија за технички науки на разговори за медицинскиот протокол за групните тренинзи.
– Се надеваме дека ќе има „зелено светло“ за тимски тренинг сесии, со оглед дека фудбалот не гарантира безбедно растојание или употреба на лична заштитна опрема, продолжи Спадафор.
Министерот рече дека напорот за обновување на првенството е „исклучително неразбирлив во очите на милиони Италијанци, кои се загрижени за нивното здравје и работа“.
– Идејата за објавување датум за обновување на првенството е во спротивност со потребата да се утврдат чекорите засновани на трендот на податоците. Ве потсетувам дека засега единствените сигурни датуми се за оние земји кои веќе одлучиле да ги прекинат своите првенства, додава тој.
Франција и Холандија го објавија предвремениот крај на нивните сезони, но денеска германската Бундеслига доби зелено светло за да се рестартира зад затворените врати кон средината на мај.
Европските федерации имаат рок до 25 мај да ја известат УЕФА дали ќе завршат нивните сезони, и ако е така, на кој датум првенството ќе се обнови и во кој формат.