Сите се надеваме дека фудбалот во Бундеслигата ќе продолжи и денес таа надеж е зголемена уште повеќе, откако тестирањата покажаа дека во Келн нема заразени со коронавирус.
Плановите на германската лига да ја продолжи сезоната овој месец беа „разнишани“ во петокот, кога тестовите покажаа дека три лица во Келн, играчите Никлас Хауптман и Исмаил Јакобс и физиотерапевт, биле позитивни на новиот вирус.
„Тие беа негативни на повторното тестирање. Тројцата ќе останат во карантин“, соопшти клубот, додавајќи дека другите членови на тимот се тестирале негативно на вториот тест во неделата.
Германската фудбалска лига планира да ја продолжи сезоната овој месец, под услов да добие дозвола од владата на Ангела Меркел.
Одлуката се очекува во среда.
Германскиот министер за внатрешни работи и спорт, Хорст Зехофер вчера изјави дека го поддржува продолжувањето на Бундеслигата и покрај позитивните резултати во Келн.
Дел од планот за рестартирање на лигата е играчите да бидат тестирани на неколку дена и да им биде дозволено да играат по два негативни теста.
Клубовите во Бундеслигата започнаа со тестирање на своите играчи и персонал минатата недела.