Од почетокот на годинава, заклучно со април, фирмите добиле поврат на ДДВ од 145 милиони евра. Тоа е за 16,7 проценти повеќе во однос на претходната година. Само за месец април повратот на ДДВ кон компаниите е 38 милиони евра или за 23 отсто повеќе во однос на истиот месец лани, соопштија од Министерството за финансии.
Од Министерството наведоа дека во однос на 2018 година повратот на ДДВ за периодот јануари-април е зголемен за 19,4 отсто, додека во однос на 2017 за 67,6 проценти повеќе.
– Во услови на најголемата здравствено-економска криза, клучно е одржувањето на ликвидноста на стопанството. Брзиот поврат на ДДВ е една од редовните активности кои се преземаат во таа насока, истакна министерката за финансии Нина Ангеловска.
Таа образложи дека кон подобрување на ликвидноста на фирмите се дејствува и преку мерките кои ги донесе Владата во двата сета антикризани мерки, како бескаматните кредити од линиите „Ковид 1“ и „Ковид 2“ на Развојната банка на Северна Македонија, во вкупен износ од 13,7 милиони евра, коишто се од големо значење бидејќи ги таргетираат микро, малите и средни претпријатија.
– Наскоро преку комерцијалните банки ќе биде пласирана линија евтини кредити во износ од 51 милион евра. Тука е и мерката за одложено плаќање на аконтациите на данокот на добивка за фирмите и данокот на личен доход за самостојните вршители на дејност. Преку мерката за финансиска поддршка од 14.500 денари по вработен за април и мај, чиј износ се проценува на околу 100 милиони евра, покрај основната намена за исплата на плати и зачувување на работните места, таа претставува дополнителна голема ликвидносна инјекција во стопанството, нагласи Ангеловска.