ЕУЛЕКС: Има 1.640 исчезнати од војната и најмалку толку причини ­да останеме во Косово

Од:

Во Косово и натаму има 1.640 исчезнати лица од војната во 1998-99 година, што значи дека и Мисијата на Европската унија за владеење на правото во Косово (ЕУЛЕКС) има најмалку уште толку причини да го продолжи мандатот в земјата, изјави денеска шефот на ЕУЛЕКС Ларс Гунар Вигермарк.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, шведскиот дипломат изјавата ја даде по средбата со косовскиот главен обвинител Блерим Исуфај, а по повод Денот на сеќавањето на исчезнатите од војната во Косово.

Во соопштението на ЕУЛЕКС се наведува дека Вигемарк вети продлабочување на меѓуинституционалната соработка за прашањата кои се однесуваат на воените злосторства, исчезнатите лица и меѓународната правна соработка.

– Ние имаме уште 1.640 причини да продолжиме да работиме заедно со нашите хомолози од земјата за расветлувањето на судбината на исчезнатите лица и за давање одговор на нивните семејства и нивните најмили, чии животи се променија засекогаш, се цитира Вигемарк во соопштението на ЕУЛЕКС.

Во Косово 27 април се одбележува како Национален ден во спомен на исчезнатите лица, по повод најголемиот масакр од последната војна, кога на денешен ден 1999 година, во селото Меје во близина на Ѓаковица, беа убиени 376 мажи и момчиња од албанска националност, а 28 други и натаму се водат за исчезнати.

Според домашни и меѓународни организации за човекови права и семејствата на убиените и исчезнатите, масакрот, кој се нарекува и „косовска Сребреница“, го извршиле припадниците на српската полиција, на тогашната Војска на Југославија, како и локални Срби кои се приклучиле на српските резервисти и паравоените формации.

Меморијалниот центар во Меје, како и споменикот во чест на тамошните жртви во дворот на Собранието на Косово, денеска го посетија сите косовски државни и политички лидери, вклучително претседателот на државата Хашим Тачи, вршителот на должноста премиер Албин Курти, собраниската спикерка Вјоса Османи, поранешните премиери Рамуш Харадинај и Иса Мустафа, опозицискиот лидер Кадри Весели, други партиски лидери, челници на Организацијата на воени ветерани на Ослободителната војска на Косово, претставници на организациите на семејствата на загинатите и исчезнатите и други личности.

Курти во изјава за медиумите нагласи дека Меѓународниот суд за воени злосторства во поранешна Југославија идентификува 17 Срби како сторители на злосторството во Меје, но ниеден од нив досега не е изведен пред лицето на правдата.

Претседателот на државата Тачи изјави дека Србија изврши геноцид во Косово и побара казнување на сите одговорни за тоа. Тој ја обвини меѓународната заедница дека, со тоа што не ги казнува злосторниците, истите ги амнестира.

Курти и Тачи, како и Османи и другите лидери на косовските Албанци, порачаа дека за сторителите на злосторствата врз цивилите во Косово не може да има амнестија, ниту пак односите со Србија може да се нормализираат се додека таа земја не ги признае и не се соочи со злосторствата во Косово.

Би можело да ве интересира

Нов пограничен инцидент помеѓу Косово и Србија

Османи: Гледаме многу загриженост кај Албанците во Македонија во однос на правата стекнати со Охридскиот договор

УЕФА донесе одлука за прекинатиот натпревар меѓу Романија и Косово

Курти: Косово и Македонија немаат несогласувања, ние сме соседи, пријатели и партнери

Катерина Ѓуровски

Мицкоски пристигна во Косово, во тек меѓувладината седница

Катерина Ѓуровски

Заедничка седница на владите на Северна Македонија и на Косово во Приштина