Вчерашните маалски концерти од програмата „Култура за време на корона“ побудија голем интерес, имаа одличен прием кај околните жители и постигнаа голема гледаност на социјалните мрежи, информираат од Град Скопје.
Во текот на вчерашниот ден на повеќе локации низ Скопје настапија Арда Мустафаоглу, Емилија Потевска Попивода, Дуња Иванова, Силви Бенд, Pluto’s Doubts и South Park, а на социјалните мрежи на Град Скопје имаа над 50.000 прегледи.
Град Скопје, заедно со градските културни институции објави Јавен повик за финансирање проекти како дел од кризните мерки „Култура во време на корона“.
– Идејата на повикот е пред сè да се поддржат невработените уметници, односно оние уметници коишто ги загубиле своите редовни приходи во овој период, но и да се доближи културата до сечиј дом. Заинтересираните уметници може да се пријавуваат на Линкот, велат од Град Скопје.
Маалските концерти продолжуваат и во наредните денови на повеќе локации во Скопје.