И во последното деноноќие, според полициската статистика на Секторот за внатрешни работи од Охрид, жителите на Дебар се најдоследни во почитувањето на забраната за движење за време на спроведување на мерките за ограничено движење и заштита на граѓаните од ширењето на коронавирус, споредено со жителите од останатите општини, кои ги покрива Секторот.
Според портпаролот Димоски, на подрачјето на двете општини кои со својата активност ги покрива дебарското одделение за внатарешни работи, безбедносната состојба е стабилна.
– Во текот на изминатото деноноќие за време на спроведувањето на мерките за ограничено движење и заштита на граѓаните од ширење на коронавирус во двете општини не е регистрирано непочитување на забраната за движење. Во истиот период, не се евидентирани кражби, сообраќајни незгоди и нема регистрирано нарушување на јавниот ред и мир. Тоа е појава присутна во текот на изминатиот месец, изјави Стефан Димоски, портарол на Секторот за внатрешни работи од Охрид.
Додава дека во двете општини нема лица во изолација, додека во самоизолација се 16 лица.
Врз основа на одлуката на општинскиот Оперативен штаб волонтерите на дебарскиот Црвен крст продолжуваат да даваат помош услуги за најранливите групи, стари и изнемоштени лица, лица со попреченост, хронично болни.
Од вчера попладне до денес до извршени се такви услуги на седум семејства, главно за набавка на лекови.
На ниво на својата задача се и вработените на Јавното комунално претпријатие „Стандард“ кои без оглед дали е полициски час, празник или неработен ден, редовно го подигаат сметот од определените места за тоа, а во текот на ноќта продолжуваат со миење на улиците со чиста вода и соодветен детергент.