Со Кризниот штаб на Стопанската комора на Македонија формиран поради кризната ситуација со коронавирусот, досега искомуницирале 2.500 компании.
Раководството на Комората следната недела ќе излезе со нов став за состојбите и очекувањата на бизнисот од државата за наредниот период.
-Изминатиот месец се преземаа низа активности за да се овозможи целосна информираност на деловните субјекти во однос на сите ограничувања, известувања, заклучоци, одлуки, уредби или економски мерки кои се носат од страна на Владата, како и новини од регионот и пошироко и тоа преку – промени на содржините на веб-страната на Комората – посебни делови за донесени одлуки и уредби, за заклучоци од седници на Владата, линкови до институции и важни вести за стопанството поврзани со КОВИД-19, систем за континуирано електронско известување на компаниите-членки, електронско одржување на состаноци за цело времетраење на вонредната состојба на конкретни теми и стручна подготовка за официјално комуницирање со надлежните државни органи за иницијативите и барањата на компаниите, вели раководителот на Кризниот штаб и в.д. извршен директор на Стопанската комора, Билјана Пеева – Ѓуриќ.
Заклучно до 23 април 2020 година, кај дежурниот член се евидентирани јавувања од 768 компании, но овој број е драстично поголем со оглед дека секој ден има јавувања од компании кај секој член на штабот одделно, како и директни обраќања на електронската адреса на Кризниот штаб, која е креиран за таа намена. Севкупно е надмината бројката од над 2.500 компании кои добиле совет или мислење од Комората во изминатиот месец.
Стопанската комора спроведе и две анкети меѓу своето членство, првата во март, за проценката на економските последици поврзани со мерките за справување со последиците од КОВИД-19, од која во најголема мера произлегоа и конкретните предлог-економски мерки за поддршка на приватниот сектор како одговор на забавувањето на економијата предизвикано од корона вирусот и втората во април, за влијанието, економските последици и ефектите од вториот сет на економски мерки на Владата.
-Коморските активности резултираа со прифаќање на дел од барањата на бизнис секторот, континуирана комуникација за отворени прашања и очекувања за нови позитивни решенија во интерес на стопанството. Дел од позитивните примери кои би ги истакнала во периодов се Иницијативата на текстилните компании кои одлучија да се ориентираат кон производство на заштитни маски, скафандери, што резултираше со изменување и дополнување на Одлуката за мерки и спречување на внесување и ширење на корона вирусот, со што е либерализиран извозот на заштитни маски, како и Барањето на компаниите да се прошири опсегот на сектори (по шифри на дејности) за користење на кредитната линија од Развојната банка е прифатено, наведува Пеева – Ѓуриќ.
Дополнува и дека во координација со Стопанската комора на Србија е овозможено ослободување на извозот на меласа од Србија, а постапено е и по барањата од Коморскиот инвестициски форум до претставниците на ЕУ во врска со изземањето на Западен Балкан од забраната за извоз на медицинска опрема и воспоставувањето на „зелени“ коридори во регионот, по примерот на ЕУ.
-Треба да се истакне и работата на Координативното тело во Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот каде коморите се активно вклучени, во предлозите за надминување на штетните последици во туристичката индустрија, за што се реализирани шест состаноци на кои се дефинирани три сета мерки за овој сектор. Во следењето на нивните предлози е остварена одлична комуникација со министерствата за економија и за финансии, како и на барањето да се одложи примената на одредбата за усогласување на минималната плата за најмалку една година, е донесена уредба со која се одлага покачувањето за три месеци, посочува директорката.
Дел од предлозите за кои се очекува решение, вели, се укинување на забраната за извоз на определени средства за дезинфекција по примерот на дозволениот ограничен извоз на заштитните маски и на пченицата, поради очекувањата дека и други земји ќе дозволат извоз на вакви производи и нашите компании да не се дозволи да останат без пласман на другите пазари, како и во период од неколку месеци да се укинат царините за сите репроматеријали и суровини од увоз и инвестициска опрема, неопходни за производството, со цел поддршка на компаниите во нивните извозни активности.
-Изминатиов период не натера сите на преземање чекори кои не се стандардни и целосно ефикасни, но сите прават напори што повеќе да ги минимизираат негативните ефекти. За таа цел, преку работата на Кризниот штаб, анкетните истражувања и состанокот на највисокото раководство на Комората со нејзините потпретседатели, Стопанската комора на Македонија во текот на следната недела ќе излезе со нов став за состојбите и очекувањата на бизнисот од државата. Паралелно со овие активности, специјален тим на Комората работи на отвoрање и на сите други прашања од основно значење за бизнисот како што се, нафтоводот, екстра лесното масло ЕЛ-1, железницата, царините, парафискалните давачки, потенцира Пеева – Ѓуриќ.