Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) го осудува, како што вели, јазикот на омраза на вршителот на должноста премиер на Косово Албин Курти, упатен кон партијата и нејзиниот лидер Иса Мустафа, јави дописникот на МИА од Приштина.
Повод за денешното соопштение на ЛДК, во кое се осудува „оцрнувачкиот, навредлив и расколнички јазик на разрешениот премиер“, е вчерашната иронична изјава на Курти дека Мустафа „го користи својот стап (бастун) повеќе за да мава по госпоѓата Османи, одошто за да се движи со него“.
Претседателката на Собранието Вјоса Османи, која е и потпретседателка на ЛДК, се разијде со партијата по однос на гласањето недоверба на владата на Курти, меѓутоа и натаму е дел од партијата на Мустафа.
– Честите промени на односот кон ЛДК и кон нејзиниот претседател Иса Мустафа говорат не само за егоистичната и инаетчиска природа на Албин Курти и (неговата партија) Самоопределување, туку манифестираат и проблеми на личноста, се вели во реакцијата на ЛДК.
Во неа му се порачува на Курти дека неговите напори да предизвика раскол во ЛДК се залудни, бидејќи, како што вели, „првата демократска партија на Балканот ги има искуството и демократската култура за да ги надмине таквите ситуации“.
– За разлика од Самоопределување, во ЛДК се ценат и почитуваат различните мислења, но на крајот одлуките се носат со мнозинство гласови. Кога им е потребно поради здравствени причини, луѓето на ЛДК се држат и за стап. Меѓутоа стапот не сме го користеле и никогаш нема да го користиме за да маваме по некого или за да удираме по државните институции или по нечиј приватен имот. Како шо тоа го правеа и најавуваат дека ќе го прават Движењето Самоопределување (ВВ) и Албин Курти, се вели во соопштението на ЛДК.
Партијата која го иницира гласањето недоверба на кабинетот на Курти, а дотогаш беше дел од владината коалиција, им порача на граѓаните „да не станат жртви на линчувачките кампањи оркестрирани од ВВ против секоја јавна и приватна личност која мисли поинаку од нив“.