Во односите меѓу Белград и Москва започна нова ера, со што Србија повеќе нема да биде сама на меѓународната сцена кога е во прашање Косово, изјави српскиот премиер Ивица Дачиќ на крајот на неговата посета на Русија.
Дачиќ, кој за време на престојот во Москва се сретна со највисоките државни и владини претставници на Русија, изјави дека од рускиот претседател Владимир Путин и од премиерот Дмитриј Медведев добил ветување дека при нивните средби со водечките светски лидери ќе се обидат да „го најдат најдобриот начин за решавање на косовскиот проблем“.
На тој начин западните лидери ќе увидат дека некој стои зад Србија, а не како досега кога изгледаше дека земјата е осамена на меѓунардоната сцена и опкружена со земји-членки на НАТО или аспиранти за членство во Алијанста и во ЕУ, додаде српскиот премиер.
– Влеговме во многу важен период за дипломатските односи меѓу Србија и Русија и за создавање на меѓусебна доверба. Не треба да заборавиме дека Русија е нашиот најголем и вистински пријател. Тоа е официјална политика, нагласи Дачиќ.