Дваесетина новинари и сниматели од различни редакции вчера биле во Куманово и имале контакт со градоначалникот Максим Димитриевски на кого денеска му е дијагностициран коронавирусот.
Тие биле присутни за време на прес-конференцијата која се одржала пред почетокот на седницата на општинскиот Кризен штаб, а потоа, снимателите, правеле инсерти за време на седницата во општинската сала.
Во салата, на прес-конференцијата каде се обратија Спасовски и Османи, присутни беа новинари на телевизиите Телма, Сител, Алсат М, ТВ 21 и други.
Дел од новинарите од различни редакции, снимале и изјави и интервјуа со градоначалникот Димитриевски, по завршување на состанокот.
Сите медиумски работници кои биле во контакт со градоначалникот ќе бидат во изолација. На нив ќе им бидат земени брисеви за тест за коронавирус. Првиот тест ќе им биде направен следниот четврток.
Во изолација одат и членовите на Владата кои вчера беа во Куманово, односно, премиерот Оливер Спасовски, Бујар Османи, Венко Филипче и Арбер Адеми. Сите тие беа на состанокот на кризниот штаб во Куманово.
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, утрово објави дека тестот кој му бил направен за коронавирус е позитивен, односно дека е еден од 40 жители на Куманово на кој им е дијагностициран вирусот.