Подолгото време за подготовка и луѓето кои се придржуваат до мерките помогнаа Португалија да го намали ширењето на коронавирусот. Оваа земја има значително поинаква стапка на заразувањето и смртни случаи од Ковид-19 во споредба со Шпанија, една од најпогодените земји.
Пулмологот, доктор Филипе Фрос, советник на шефот за јавно здравје Грас Фреитас, рече дека Португалија имала корист од тоа што заостанувала зад Мадрид во однос на ширењето на вирусот.
Тоа, додава тој, даде време, земјата да ги подготви болниците и да го зголеми капацитетот во делот за интензивната нега.
– Разликата е во тоа што имавме повеќе време за подготовка. Мислам дека сме три недели зад Италија, а можеби недела и пол зад Шпанија, па ова ни даде време, скапоцени денови да се подготвиме. Мислам дека главната разлика беше во поранетиот ангажман на лекарите, рече тој, пренесува Еуроњус.
Португалија на 18-ти март прогласи вонредна состојба, два дена по првиот смртен случај од Ковид-19. Досега во земјата се потврдени 17,448 случаи на коронавирус, а починати се 567 луѓе.
Во Шпанија бројот на мртви го надмина бројот 18,000 што значи во земјата има 390 умрени на милион жители.
Стапката на заразени во Мадрид е двојно поголема од онаа во Лисабон, иако тоа може да се влоши во зависност од тоа колку тестирања врши една земја.
Во Португалија 88 отсто од заразените остануваат дома во изолација и не им е потребно болничко лечење.
– Болниците не се пренатрупани и имаме повеќе време и подобри услови за да ги следиме критичните пациенти, рече Фреитас.
Сепак властите стравуваат од можноста коронавирусот брзо да се прошири во домовите за стари лица.