Јохан Тарчуловски, кој денеска излезе од затворот во Диц, Германија каде ја издржуваше затворската казна за случувањата во скопското село Љуботен, утре се очекува да пристигне во Македонија.
Здружението на граѓани за поддршка на Јохан за утре обезбеди 50 автобуси кои бесплатно ќе сообраќаат до аеродромот „Александар Велики“ и потоа до плоштадот Македонија. Обезбедени се и 200 автобуси за оние граѓани од внатрешноста на државата кои сакаат да го пречекаат Тарчуловски.
По пристигнувањето во Скопје предвидено е Тарчуловски да се сретне со премиерот Никола Груевски и да положи цвеќе пред Споменикот на бранителите во близина на Порта Македонија.
За неговиот пречек ќе биде организирана и прослава на плоштадот Македонија на која ќе настапат повеќе познати пејачи.
Тарчуловски беше осуден од Хашкиот трибунал на 12 години затвор за случувањата во скопското село Љуботен во 2001 година. Шест години од затворската казна ги помина во Шевенинген, а од пред две години беше префрлен во затворот во германскиот град Диц.