Околу 176,7 милиони евра од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Македонија ќе ги искористи за буџетски потреби во финансирањето на мерките за здравствена и макроекономска стабилизација и исполнување на потребите на билансот на плаќање кои произлегуваат од појавата на Ковид-19.
Како што соопшти владината прес-служба, денеска на седница на Владата е донесена Уредба со законска сила за задолжување на нашата држава кај ММФ за финансиска поддршка од Инструментот за брзо финансирање за време на вонредна состојба.
На владината седница беше усвоена и Информацијата за потребата од користење на Макро – финансиска поддршка од Европската Унија за држави што не се од ЕУ и го одобри предлог-текстот на Писмото за формално барање за користење на макро-финансиска поддршка од Европската Унија за Република Северна Македонија.
„Во врска со оваа точка, Владата го задолжи Министерството за финансии најдоцна до 15 април 2020 година да го испрати до Европската комисија Писмото за формално барање за користење на макро-финансиска поддршка од Европската Унија за Република Северна Македонија“, стои во владиното соопштение.