Со вкупно 223 надзори, Државниот санитарен и здравствен инспекторат направил темелна ревизија во јавни и приватни здравствени установи. Инспекторите ја контролирале опремата и опременоста како и почитувањето на протоколите за заштита од страна на вработените.
„Во однос на почитување на протоколите во работењето и носењето на заштитна опрема од страна на вработените, нотирани се поситни забелешки за повеќе здравствени установи и за тоа е дадена насока до менаџментот. ДСЗИ очекува дека сите вработени во целост ќе ги прифатат забелешките и ќе ги коригираат пропустите со што ќе го заштитат и своето и здравјето на сите околу себе“, велат за „А1он“ од Инспекторатот.
Инспекторатот најави дека наскоро ќе направи нова инспекциска контрола за да провери дали се имплементирани забелешките и дали се коригирани пропустите на кои веќе укажале.
Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат уверуваат дека заштитна опрема, како што веќе неколкупати известиле, има доволно во сите институции и секоја здравствена институција може да ги дополнува количините од резервите на Министерството за здравство.