Европската комисија високо ги цени постигнатите реформи на ПЈР Македонија во однос на Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД) поради значајниот прогрес во истите, но она што треба да оди заедно со овој прогрес се и други работи што се важни за имиџот на земјата.
Ова денеска на прашање на дописникот на МИА од Брисел за оценката на еврокомесарот за проширување Штефан Филе на Македонија го истакна неговиот портпарол Петер Стано.
Според Стано, се што комесарот имало да каже го потенцирал на вчерашната прес-конференција во Скопје. Сепак, гласноговорникот на првиот човек за проширување на Европската унија повтори дека Филе очекува брзо спроведување на политичкиот договор од 1-ви март за надминување на последиците од политичката криза во нашата земја.
– Ако некој има сомнеж што кажал или мислел комесарот Филе ќе ги упатам на интернет-страницата на комесарот каде што е објавено се што кажа во Скопје, вклучително и заклучоците од вчерашната рунда од ХЛАД-от, потенцира Стано.
По барање на новинарите да ги коментира неколкуте демонстранти од невладините организации што се „хранат“ со донации токму од Унијата и Европската комисија, а кои пред седиштето на ЕУ во Скопје вчера излегле и со транспаренти навредувачки за комесарот како „Не ме Фулизирај“ (Дон’т ѕоу Фуле ме) и имаа неколкуминутен дијалог со него, портпаролот Стано рече дека комесарот ги видел тие лице, се сретнал со нив, дискутирал и, подвлече, имаа интеракција, како што Филе сака да разговара со секој од БЈР Македонија во однос на ХЛАД-от или воопшто за пристапниот процес на земјата кон ЕУ.
– Не се согласувам со вашата интерпретација на прашањето оти комесарот разменуваше погледи и дискутираше со неколкуте луѓе што беа собрани пред делегацијата на Европската унија во Скопје. Тоа е нешто нормално што се случи, образложи гласноговрникот на еврокомесарот за проширување.
Како што е познато, Европската комисија го финишира вонредниот Специјален извештај за Република Македонија што на 16-ти овој месец ќе го претстави во Стразбур. Извештајот, според најавите, ќе биде повторно позитивен и ќе содржи нова препорака до Европскиот совет да додели почеток на пристапните преговори со ЕУ на Самитот во јуни.