Основното јавно обвинителство Скопје денеска поднесе осум предлози за издавање казнени налози против вкупно 13 лица, обвинети за кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.
Како што се вели во соопштението на ОЈО Скопје, обвинетите не се придржувале до Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија, односно за време на полицискиот час биле затекнати на различни локации во Скопје без да поседуваат дозвола за движење.
Јавното обвинителство на Основниот кривичен суд Скопје му предложи на сите обвинети да им изрече парични казни од 100 дневни глоби, при што висината на една дневна глоба да биде определена на 20 евра во денарска противвредност.