По повод позитивниот одговор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) на барањето за одобрување финансиска поддршка за нашата земја преку Инструментот за брзо финансирање, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вели дека финансиската поддршка од ММФ за нас е од исклучително значење, како за спроведување на фискалните мерки, така и за обезбедување натамошен раст на девизниот потенцијал на нашата економија, односно за зголемување на девизните резерви.
– На овој начин се создава поголем простор за спроведување релаксирана монетарна политика и за обезбедување олеснети финансиски услови за кредитирање на погодените компании и граѓани, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска.
Овој инструмент, како што посочува, е значајна алатка која овозможува и полесен пристап до други надворешни извори на финансирање, вклучително и до европските.
– Имено, одобрувањето на овој аранжман е и потврда на здравоста на политиките спроведувани од страна на централната банка, коишто резултираа со ценовна и финансиска стабилност, што, пак, има важна сигнална улога за идна финансиска поддршка, нагласи гувернерката.
Според неа, финансиските средства од ММФ ќе помогнат за ублажување на негативните ефекти за нашата економија, притоа давајќи дополнителна поддршка и на макроекономската стабилност.
– Преку Инструментот за брзо финансирање, ММФ овозможува исклучително брз и поволен пристап до финансиски средства, за економии со здрави фундаменти, погодени од надворешен, неочекуван и привремен шок, каков што е пандемијата на Ковид-19, се наведува во соопштението на Ангеловска-Бежоска.