Околу 500 луѓе ќе бидат тестирани за коронавирус во истражниот затвор во Шуто Оризари откако вирусот посмртно беше дијагностициран кај затвореник кој почина во средата. Извори од затворот за „А1он“ велат дека ќе се тестираат сите затвореници, притвореници, но и сите вработени.
Министерството за здравство утрово извести дека вчера брисеви биле земени од 30 луѓе кои биле во контакт со заболениот, а директорот на затворот Есад Рахиќ за „А1он“ кусо изјави дека и во моментов имаат медицински екипи кои земаат брисеви.
„Во тек е тестирањето. За исходот ќе подготвивме детална информација до крајот на денов или во понеделник“, рече директорот Рахиќ.
Тој потврди дека група затвореници имала обид да направи инцидент.
„Затвореници од едно одделение ги фрлаа пластичните тањири надвор. Водени од идејата дека може да бидат пуштени на слобода поради коронавирусот се обидоа да направат инцидент, но ги смиривме. Одделението е изолирано и сега состојбата е мирна. Посветени сме на тестирањето од утрово“, вели директорот Рахиќ.
Во КПУ „Затвор Скопје“ во моментот има 360 затвореници и притвореници, а заедно со вработените бројката е околу 500 луѓе.