Дуќанџиите, малите трговци и претприемачи од Прилепската чаршија бараат нов сет мерки од Владата без ограничувања. Сегашните не им помагаат и можат комплетно да затворат околу 700 дуќанџии во Прилеп.
Според Мариче Најдоска, сопственик на трговски дуќан, со воведувањето на вонредната ситуација, дуќаните речиси затворија. Дел работодавци испуштија вработени.
– Сетот мерки што ги донесе Владата донесе услови кои работодавецот мора да ги исполнува и тие воопшто не ни се од полза. Напротив. Мислиме дека само ќе се одложи нашето пропаѓање. Затоа бараме мерки без условување и да се однесуваат на: исплата на плати за март, април, мај на секој вработени за кои досега се плаќани придонеси, без оглед дали е основач, управител или работник. мораториум за 2020 година на аконтациите за ДДВ, да се замрзнат кредитите во деловните банки , да не се пресметува камата во тие месеци и да им се остави време на трговските друштва да се приспособат по кризата. Неповратни средства од 3000 до 5000 евра за набавка на стока. Мерките да важат до завршувањето на кризата. Бараме од закупниците да не ослободат од кријата овие кризни месеци, а помош во кредити кои не може да ги враќаме е неиздржливо за нас. Владата да земе предвид дека како мали и микро фирми повеќе од 25 години сами придонесуваме и со одреден процент го полниме буџетот. Без поддршка од Владата ќе ги затвориме фирмите и ќе одиме под Заводот за вработување и да искажеме граѓанска непослушност, изјави Најдоска.
Ленче Костова смета дека работата во прилепската чаршија со години е застаната, а ова е крах за сите.
– Ако Владата не ни помогне ние сме принудени да ставиме клуч на врата. Не отвораме зашто мислиме така се штитиме ние и граѓаните, зашто сметаме дека чаршијата е голем потенцијал за проширување на вирусот. Мислам дека државата може да ни помогне со минимална плата. На крајот на краиштата, цела држава нека биде на минимална плата. Ние 30 ина години се бориме сами, вработуваме од 2 до 5 работници, не сме на товар на државата. А сега дневно не правиме промет ни по 100 па ниту 500 денари, вели Костова.