Филе: Политичките субјекти да се фокусираат на евроинтеграцијата

Од:

 И покрај настаните од 24. декември, Македонија постигна напредок во реформите кои се во согласност со целите на пристапниот дијалог на високо ниво. Сега е најважно што е можно побрзо да се формира Анкетната комисија која ќе ги расчисти настаните од 24. декември, а партиите да потпишат меморандум за посветеност кон евроинтеграциските процеси. Меѓупартиската поддршка за стратешките цели и за евроатлaнтските интеграции ги става интересите на земјата први пред партиските интереси.

Ова го порача денеска еврокомесарот за проширување Штефан Филе во обраќањето пред Националниот совет за евроинтеграции.

–  Претпристапниот дијлог се покажа дека е важен катализатор за Република Македонија и ги одреди специфичните реформи во пет клучни области преку процес на дијалог. Го поздравувам тоа што имате реформи согласно целите на претпристапниот дијалог. Во подготвоките на извештајот и денешната посета забележавме дека е постигнат напредок и дека се воведени мерки во одредени области и покрај настаните кои се случија на 24 декември, рече Филе. Има напредок во подобрување на ефикасноста во судскиот систем, забележан е напредок во реформите во јавната администрација.

На економски план, го истакна тоа што Владата ги расчисти своите обврски кон претпријатијата, го поздрави Акцискиот план за вработување на младите, но остануваат многу предизвици на пазарот на труд. Смета дека треба да се обезбеди стратешко планирање на јавните финансии во интерес на сите граѓани.

Од суштинско значење е, рече Филе, Владата да го продолжи дијалогот со новинарите.

– Голема штета е што конкретниот напредок направен преку дијалогот со медиумите меѓу Владата и новинарите минатата година беше прекриен со сенката на скорешните настани. Од суштинско значење е Владата повторно да го продолжи овој дијалог со новинарите, а новинарите треба да се вклучат во реформите во ова поле, а тоа треба да се направи на транспарентен и отворен начин. Ова прашање е многу важно и треба да биде значајно за сите, истакна Филе.

Локалните избори, според еврокомесарот, беа добро спроведени, конкуретни, а кандидатите имаа можност за кампања, но има бројни забелешки како што се недоволната одделеност меѓу државата и политичките партии, вклучително и наводи за злоупотреба на државните ресурси во текот на кампањата и улогата на медиумите во овој конктекст.

– Вакви забелешки сме слушнале и во претходната кампања и ќе се прашаме дали е постигнат напредок во овој домен. Градоначалниците еднакво да ги застапуваат граѓаните, без разлика на етничката припадност, порача Филе.

Ова, според него, е клучен период за земјата пред претстојниот извештај на ЕК, кој ќе биде претставен следната недела.

– Извештајот не е завршен. Штотуку придонесовте, им се обрати Филе на пратениците, кои политичката нетрпеливост и различните ставови во врска со локалните избори ги пренесоа и пред него.

Еврокомесарот во Македонија беше пред пет недели, кога на 1 март беше постигнат договор за надминување на политичката криза во земјата, за чие спроведување, како што рече Филе, имаат одговорност сите политички партии.  Одговарајќи му на Игор Ивановски од СДСМ дека и тој и ЕК треба да преземат одговорност за иднината на земјата, Филе рече дека е свесен за тоа и истакна дека и тие имаат одговорност по постигнувањето на договорот од 1 март.

– Свесен сум за таа обврска, но дали дел од вас разбираат дека имате одговорност откако го потпишавте договорт на 1 март. Ние сакаме овој договор да се спроведе и да бидете одговорни за вашата земја и за вашите граѓани, рече Филе во своето завршно обраќање, порачувајќи и на опозицијата дека и таа треба да преземе одговорност за иднината на Македонија.

Пратениците во своите обраќања пред еврокомесарот ги изнесоа крајно различните ставови за локалните избори во земјата и настаните пред, на и по 24. декември. Опозициските претставници, кои вчера не учествуваа во работата на собраниските тела, денеска дојдоа на седницата на Националниот совет за евроинтеграции.

Радмила Шекеринска од СДСМ и претседател на Националниот совет за евроинтеграции посочи на, како што наведе, неправилности на изборите, како на пример во скопската општина Центар и присуство на граѓани од Пустец. Тоа, а потоа и обраќањето на координаторот на пратеничката група на СДСМ Игор Ивановски, кој рече дека изборите биле нефер и недемократски и оти одговорност за иднината на земјата треба да преземе и еврокомесарот и ЕК, а за исходот од евроитеграцискиот процес само власта, предизвика реакција кај пратениците од владејачкото мнозинство. Според Ивановски, не се почитува постигнатиот договор од 1. март.

Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека опозициските пратеници ја девалвираат сопствената држава, се обидуваат да најдат оправдание за седум пати по ред изгубените избори, но и да не ја изговорат реченицата што ја кажал нивниот лидер Бранко Црвенковски дека народот е во право и тогаш кога греши.

Кенан Хасипи од ДПТ и дел од коалицијата „За подобра Македонија“ го отстапи својот збор, во како што рече, знак на протест поради „блатење“ на сопствената држава.

– Сакам да го поздравам воведното обраќање на господинот Филе кое беше со многу јасни пораки и се надевам дека заедно со нашите европарламентарци наредниот месец во Стразбур на многу подостоинствен начин и со повисока политичка култура ќе ги разгледаме сите аспекти на демократијата во Република Македонија и верувам дека ќе добиеме и лекцијата од нашите колеги парламентарци што многу повеќе работат за нас отколку ние самите, изјави Хасипи.

Претседателот на ЗНМ Насер Селмани, истакна дека заедно со партнериските организации се заинтересирани за новиот закон за медиуми, кој ќе ја одреди судбината на македонските медиуми.

– Ние го поддржуваме вградувањето на директивата, но мора да бидеме многу внимателни со опфатот на законот, посебно со регулирањето на печатените и интернет медиумите, за што нема унифицирано европско законодавство, рече Селмани. Изрази подготвеност за вклучување во процесот на донесување на законот, со обезбедување на минимум услови .

– Сакаме конструктивна, широка и суштинска дебата за законот, додаде претседателот на ЗНМ.

Еврокомесарот за прширување Штефан Филе кој дојде во Скопје заради финализирање на пролетниот извештај на ЕК за Македонија, денеска треба да се сретне со премиерот Никола Груевски и со вицепремиерот задолжен за европски прашања Фатмир Бесими. Во Владата ќе се одржи нова рунда од пристапниот дијалог на високо ниво.

Филе претходно имаше средба и со лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски.

Би можело да ве интересира

Грузија ги прекина преговорите со Европската унија

А1он

Акцијата „Моби Дик“ една од најголемите во ЕУ – даночно затајување од 520 милиони евра

А1он

Глобална трговска војна, Британија избира помеѓу САД или ЕУ

Косачов: Европската Унија нема да опстане без Русија и БРИКС

Блумберг: Лидерите на ЕУ го повикаа Бајден да ја зголеми помошта за Украина пред доаѓањето на Трамп

Вучиќ: ЕУ треба да ја промени стратегијата кон Западен Балкан, но и кон Србија