Бројот на пациенти со мозочен удар се зголемува. Во Скопје на 600.000 жители има меѓу 10 и 15 мозочни удари дневно што е голема бројка. Четириесет проценти од популацијата на возраст од 35 до 60 години има хипертензија, а најмногу од нив не ни знаат дека ја имаат. Возраста на пациентите се намалува бидејќи стилот на животот се менува. Почесто има пациенти на возраст од 30-35 години кои имаат дефиниран мозочен удар, а тоа значи дека веќе имаат големи промени на крвнитесадови за да може да се дефинира мозочен удар.
Ова го истакна директорот на Градската општа болница „8 Септември“ Сашо Стојчев на одбележувањето на Светскиот ден на здравјето, чиј фокус годинава е високиот крвен притисок кој доколку не се лекува и контролира е „тивок убиец“ на голем број луѓе. Тој посочи дека стресот придонесува за нарушување на метаболизмот, зголемени масти во крвта и зголемен крвен притисок, а последица од тоа е срцев и за мозочен удар.
Стојчев рече дека лица со мозочни удари регистрираат секојдневно во нивната пракса, а особено по отворањето на новото одделение за неврологија и поставувањето 10 кревети за интензивна нега, каде се сместени најголем број од тие пациенти.
– Денешниот ден треба најмногу да го посветиме во третманот на хипертензијата која е главен фактор на ризик за појава на мозочен удар. Ако навреме ја лекуваме хипетензијата и другите фактори на ризик ќе имаме помалку мозочни удари. Во болнички услови може да третираме најмногу до една третина, една четвртина од пациентите кои имаат мозочен удар, рече Стојчев.
За жал, појасни тој, болницата е преполна, капацитетот е ограничен, има 240 пациенти, од нив 10 проценти се со мозочен удар, а полесните случаи се третираат во домашни услови со помош на Итната медицинска помош и домашна посета. Додаде дека ветровите, промената на влагата, фронтовските промени на времето влијаат на нивото на крвниот притисок.
Министерот за здравство Никола Тодоров рече дека добро е што и во Македонија се отвора оваа тема и се подигнува свесноста на граѓаните за проблемите кои може да се појават од хипертензијата.
Одговарајќи на новинарско прашање рече дека се обидува да го одржува нивото на крвниот притисок во нормала со вежбање и спортски активности кои, според него, се најзначајни за да се одржи во кондиција еден организам.
– Многу е познато дека секогаш кога има многу силен психички замор тоа најдобро се артикулира со физичка активност. Притисокот ми го качува некој кој ќе каже лага и преку тоа тешко поминувам, посочи Тодоров.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа кој ќе биде директор на Бирото за лекови, рече дека за тоа одлучува Владата на предлог на министерот.
Претседателот на Македонското лекарско друштво Јован Тофоски истакна дека здравството значително се подобрува, дека е направено многу во набавка на медицинска опрема, градење и реконструирање на здравствени установи со што, како што посочи, ќе се овозможи подобра дијагностика и подобри терапевтски процедури за пациентите.
– Треба да се менува стилот на живеење, а тоа е непушење, спортување, движење, квалитетна исхрана, рече Тофоски.
Одговарајќи на новинарско прашање, Тофоски потенцира дека нема задоволни пациенти без задоволни доктори, кои треба да имаат повисоки плати.
– Ова е едно од прашањата што треба да се решава бидејќи многу луѓе ќе си заминат надвор, а најмногу оние квалитетните, додаде Тофоски.