Вкупно 33.863 дозволи за движење за време на полицискиот час издало Министерството за информатичко општество од 22 март до денес. Во оваа бројка не влегуваат дозволите на приватните компании кои имаат ноќни смени.
„ Министерството за информатичко општество и администрација издава дозволи на вработени во државни институции, на општински кризни штабови, медиумски екипи кои работат на терен, пекари до 5 вработени и погребални претпријатија. Бројката 33.863 се однесува на овие сектори“, велат за „А1он“ од Министерството за информатичко општество.
Приватните компании за дозвола за движење во периодот на полицискиот час треба да следат посебни упатства.
„Приватните компании пополнуваат образец согласно насоките од стопанските комори, со потпис и печат од работодавачот. Ова се пријавува и во Државниот инспекторат за труд, како фирма односно вработени кои работат во трета или четврта смена, и дозволите се единствено за движење од работа дома и обратно“, објаснуваат од Министерството за информатичко општество.
Од Државниот инспекторат за труд не одговорија на прашањата од „А1он“ за бројката работници во ноќна смена кои имаат одобренија да се движат за време на полицискиот час.
До Министерството за информатичко општество досега нема пристигнато барање за одземање на дозвола за движење.
Заменик – министерката за внатрешни работи Славјанка Петровска вчера соопшти дека Министерството за внатрешни работи има информации за злоупотреби на дозволите за движење во полицискиот час и најави одземање на дозволите, притворање и затворска казна за прекршителите. Во тек се истраги по информациите за злоупотребите.
Полицискиот час е на сила девет дена. Мерката за ограничување на движењето почна да се применува од 22 март за да се спречи ширењето на коронавирусот. Движењето на граѓаните е забрането од 21 часот до 05 часот следниот ден, а за младите до 18 години и за возрасните над 67 години важат и дополнителни ограничувања. Со цел да немаат контакт младите како потенцијално најголеми преносители и возрасните над 67 години како најризична група, движењето за возрасните е дозволено од 05 до 11 часот, а младите од 12 часот напладне до 21 часот.