Се поголем број болници во Европа се борат со десетици илјади пациенти заразени со новиот коронавирус, а кризата покажа парадокс – европските земји, кои имаат најдобри здравствени системи и болници, не се во состојба да се носат со пандемијата со Ковид-19.
Епидемиолозите тврдат дека причината за тоа е организацијата на здравствениот систем во кои централно место имаат болниците, недостиг на епидемиолошко искуство и неселективно сместување на пациентите во болниците.
И Светска здравствена организација минатата недела укажа на недостатоцие на европскиот пристап кон пандемијата, наведувајќи оти требало поагресивно да се дејствува два месеца претходно и оти требало да се спроведат пообемни тестирања и подобри мерки за надгледување.
Експертите наведуваат и дека болниците во Европа се добро опремени, но тоа сега се покажало како проблем, бидејќи борбата против епидемијата не се води во болниците, тие се задолжени само за санирање на последиците од епидемијата. Всушност, болниците се резервирани само за пациенти во најтешка состојба, додека другите пациенти се изолираат или се лекуваат во други објекти, како теренските болници, што сега се градат ширум Европа. За овој модел потребни се голем број здравствени работници, покрај лекарите, кои имаат познавања за епидемијата.
Дел од експертите тврдат дека европските држави погрешиле во пресметките на своите способности да се носат со епидемијата и многумина се изненадени од фактот што новиот коронавирус толку брзо се шири.