Нов директор на охридската болница е хирургот Горан Балевски, извести денес министерот за здравство Венко Филипче. Тој доаѓа на местото на Славица Малеска која министерот Филипче ја разреши поради случајот со пациентката која во саботата почина од коронавирус, а не била примена во болницата и покрај упатот од матичниот лекар.
Вонредниот инспекциски надзор во болницата завршил, а во тек се анализи на добиените информации.
„Се анализираат сите добиени информации околу третманот на пациентката од околината на Струга. Се анализираат документи од матичниот лекар, понатаму од болницата, интервјуата со доктори, има пропусти, но ќе почекаме да се финализира истрагата. Став ќе изградиме по заклучокот од инспекцијата“, рече министерот Филипче.
И директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Иринка Сотирова – Бухова денес извести дека се утврдени прекршувања од здравствените работници кои биле на дежурство кога била донесена пациентката од околината на Струга.