Министерството за здравство информира дека во изминатите 24 часа се регистрирани 22 нови случаи на коронавирус во земјата. По градови во Скопје 9 лица, во Куманово тројца, Струга тројца, Тетово двајца заразени, Дебар двајца, Прилеп двајца, Битола еден.
Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со КОВИД-19 денеска до 12 часот изнесува 241 лице.
Според местото на живеење, досега случаи на КОВИД-19 се регистрирани во:
– Скопје- 143
– Дебар – 45 од кои 2 починати
– Куманово – 20 од кои 1 починат
– Штип – 8
– Прилеп – 8
– Тетово- 4
– Охрид- 3
– Велес – 3
– Струга – 3 од кои 1 починат
– Кавадарци – 2
– Гостивар – 1
– Битола – 1
Како што информира Министерството за здравство утрово починала една пациентка на 66-годишна возраст од околината на Струга. Таа и нејзиниот сопруг се дијагностицирани позитивни на коронавирус во текот на вчерашниот ден. Пациентката имала срцева болест, хронична белодробна болест и покачен крвен притисок.
Според епидемилошката анкета, семејството на починатата жена непосредно пред прогласувањето на кризната состојба во Дебар, на 13-ти март, биле на гости во Дебар и имале контакт со еден од таму заболените доктори, а по сознанието дека и тој е позитивен на коронавирус, семејството било во домашна самоизолација, велат од Министерството.
„Откако се јавиле првите симптоми кај починатата, таа на 24 март закажала тестирање на коронавирус преку својот матичен лекар. Материјал за тестирање е земен на 26 март, а резултатите пристигнале во текот на вчерашниот ден. Заради нагло влошената состојба на пациентката, матичниот лекар уште веднаш препорачал хоспитализација на Инфективното одделение во охридската болница, но до добивањето на резултатите вчера, пациентката не е примена во болница“, се вели во соопштението на Министерството.
Заради ова, Министерството најавува целосно ревизија на случајот за да се утврди дали има лекарски пропуст во овој случај.
Во текот на вчерашниот ден направено е тестрирање на персоналот на Клинката за кардиологија, сите тестови се негативни на Ковид-19.