Отстапка од забраната за движење бара здружението за заштита на животните „Анима мунди“ од Владата, а истата да се однесува за сите кои имаат домашни миленици и мораат да ги изнесат надвор за време на полицискиот час.
Тие упатиле молба до Владата со цел заштита на животните, поради физиолошки потреби на милениците, чии сопственици немаат каде да ги изнесат бидејќи живеат во станови. „Анима мунди“ бараат допрецизирањето на полицискиот час да биде регулиран како во Србија, Грција, Шпанија.
„Молбата, односно барањето е доставено до Владата и министерот Венко Филипче, но немаме одговор, иако со него се засегнати минимум 80 илјади сопственици на миленици територија на Македонија кои немаат начин да го изнесат својот миленик ниту по 10 минути по временски период од 20 часа, доколку спаѓаат во возрасната категорија на граѓани, што е неопходно за да изврши физиолошки потреби“, велат од „Анима мунди“.
Второто барање е минситерот за здравство, Венко Филипче, јавно да соопшти дека милениците и бездомните кучиња односно мачки, не го пренесуваат коронавирусот, како што сооптила и Светската здравствена организација.
„Ова е со цел да се избегне создавање паника кај населението и непотребно дефокусирање од потребните мерки за справување со понатамошно ширење на вирусот“, додаваат од Анима Мунди.