Пет лица од контактите на директорката на Клиниката за дерматологија се позитивни на коронавирусот, покажале тестовите направени во Институтот за јавно здравје. Министерот Венко Филипче рече дека тие немале симтоми, и сите се колеги од Клиниката за дерматологија кои биле во домашна изолација 16 дена.
„Од тестирани 30 лица кои контактирале со директорката пет се позитивни на вирусот. Останатите ќе се тестираат во следните четири – пет денови. Во добра состојба се, имаат лесна клиничка слика и остануваат во домашни услови во постојан контакт со Инфективната клиника“, рече министерот Филипче.
Тој не одговори прецизно на прашањето уште колку луѓе кои биле во контакт со директорката треба да бидат тестирани, но рече дека очекува бројката да достигне 180-190 лица. Првата група тестирани биле од Скопје, а за тестирање чекаат и лица од други градови.
Кај поранешната директорка на Клинката за дерматологија коронавирус беше дијагностициран на осми март, а на деветти март во изолација беа ставени сите луѓе со кои контактирала по враќањето од Италија на 29 февруари.