Едно лице од Скопје и четири лица од Кавадарци ќе треба да платат по 2.000 евра, доколку Судот го прифати предлогот на Обвинителството, за нивно санкционирање поради непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за издавање казнен налог против едно лице за кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“ од член 206 став 1 од Кривичниот законик.
– Обвинетиот, на возраст од 33 години, на 12 март се вратил во земјава по престој во Франција како високоризична земја за ширење на коронавирусот Ковид-19 и потишал изјава дека ќе се самоизолира во период од 14 дена. Сепак, тој не постапил според прописите и наредбите на Владата со кои се определуваат мерки за сузбивање или спречување на заразната болест, па на 21 март, при извршена проверка од страна на овластени полициски службеници, не бил затекнат во неговиот дом, соопшти Јавното обвинителство.
ОЈО Скопје на Судот му предложи на обвинетиот да му изрече парична казна во висина од 100 дневни глоби со висина на дневна глоба од 20 евра во денарска противвредност.
ОЈО Кавадарци, пак, денеска поднело четири предлога за издавање казнени налози против лица кои го сториле кривичното дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“ од член 206 став 1 од Кривичниот законик.
Обвинетите во одделни кривично правни настани не ги почитувале мерките за спречување или сузбивање на опасна заразна болест коронавирус Ковид- 19 и не постапиле по определените прописи и упатства за сузбивање и спречување на заразна болест.
– Еден од обвинетите пристигнал во земјава на 17 март од Република Србија патувајќи од држави со среден и висок ризик за ширење на коронавирусот и согласно мерките бил должен во период од 14 дена да не го напушта престојувалиштето што го пријавил како место каде ќе ја спроведе задолжителната самоизолација. При вршење на контрола од страна на полициските службеници, на 18 март, не бил затекнат дома, соопшти Јавното обвинителство.
Двајца од обвинетите, како што велат од ЈО, пристигнале од Грција на 18 март, потпишале изјави за самоизолација и биле должни да ги почитуваат здравствените прописи. Но и покрај обврската за самоизолација не биле затекнати во нивните домови на 19 март, кога надлежните служби извршиле контрола.
Четвртиот обвинет пак на 19 март на граничниот премин „Деве Баир“ пречекал лице кое се враќало од престој во САД. Согласно Одлуката на домашните органи, обвинетиот потпишал изјава за самоизолација поради тоа што бил во контакт со лице кое дошло од земја со висок ризик од зараза. Но, при извршена контрола не бил затекнат во домот каде требало да ја извршува должноста за самоизолација.
– Постапувајќи спротивно на мерките за спречување на внесување и ширење на коронавирусот, обвинетите го сториле кривичното дело што им се става на товар за што обвинителството побара изрекување парична казна во висина од по 2.000 евра во денарска противвредност за секој обвинет, информираат од Јавното обвинителство.