Улиците се испразнија – трета ноќ полициски час

Од:

Вечерва од 21 часот трета ноќ по ред почна полицискиот час односно забраната за движење на граѓаните во ноќните часови како мерка за заштита на населението и справување со коронавирусот.

Од вчера важи одлуката за ограничување на движењето за младите до 18 години и постарите од 67 години. Се забранува движењето на младите до 18 години од 21 до 12 часот, а на постарите од 67 години од 11 до 5 часот следниот ден. Тоа значи дека младите до 18 години ќе можат да се движат од 12 напладне до 21 часот, а возрасните над 67 години од 5 до 11 часот претпладне.

Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев вечерва информира дека МВР спроведува контроли на два начина во однос на движењето на граѓаните, согласно генералниот план и плановите доставени до Секторите за внатрешни работи – преку пунктови кои се поставени на главните сообраќајници, главно со цел контрола на движењето на патничките моторни возила и преку мобилните патроли.

Припадниците на МВР ги легитимираат лицата што се сомневаат дека спаѓаат во двете старосни категории на кои им се укажува, им се издава соодветно предупредување и се заведуваат. Доколку повторно не ја почитуваат забраната за движење против нив ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

– Тоа е за сите оние над 67 години, но и за децата од 14 до 18 години. За оние категории граѓани под 14 години е за нивите родители, поради негрижа на родител/старател. Првично на детето под 14 години ќе му се земат податоци, ќе се упати дома, ќе се повика родителот во полициска станица да му се издаде предупредување, рече Чулев.

Со полицискиот час не се опфатени припадниците на МВР, АРМ, противпожарните екипи и лицата од комунална хигиена кои моментно работат во смени, а за медицинските лица ќе бидат обезбедени специјални легитимации.

Полицискиот час нема да се однесува и на лицата кои имаат потреба од итна медицинска помош, лицата кои се во животно-загрозувачка состојба и лицата кои одат на дијализа. Тие ќе може да бидат придружувани исклучиво од најмногу две лица. Ако поради итноста на здравствената состојба возилото биде запрено од полициска придружба, дополнително ќе се евидентира и провери оправданоста на излегувањето и превозот до здравстевната институција преку приложување на медицинската документација по завршување на медицинскиот преглед.

За време на полицискиот час се ограничи и бројот на дежурни аптеки во градовите. Во аптека може да одат само лица кои имаат потврда дека претходно биле на лекарски преглед. Се ограничи и бројот на такси возила. Тие ќе може да превезуваат патници само кон болнички установи или аптеки. Таксистите притоа, ќе мора да имаат заштитна опрема – маска и ракавици.

За време на полицискиот час е забрането движење и на возила од јавен превоз. Дежурни екипи на ЕВН, Водовод и канализација, Телекомуникации служби и Топлификација, пак, смеат да се движат само по претходна најава на 192 (МВР).

Би можело да ве интересира

Регистрирани се нови 57 случаи на Ковид, четворица починати како последица на вирусот

Катерина Ѓуровски

СДСМ: Се случи најлошото, почина пациентка која не била примена на интензивна нега на Инфективна клиника

Катерина Ѓуровски

Вкупно 250 случаи на Ковид-19 во јули во државава

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

По насилните протести во Франција: Во градот Кламар се воведува полициски час

Ковид-19 од денес е обична заразна болест, укинати и последните мерки за носење маски

A1on