Со реализирање на бесплатни превентивни лекарски прегледи, Општина Кисела Вода и Институтот за јавно здравје на Република Македонија, денеска во паркот „Шопен” го одбележаа 7-ми Април – Светскиот ден на здравјето.
Стручни тимови од Институтот за јавно здравје, во периодот од 8:30 – 12:30 часот, вршеа мерења на нивото на гликоза (шеќер) и холестерол во крвта, крвниот притисок и телесната тежина, висината и обемот на половината на граѓаните. Можноста за бесплатен лекарски преглед ја искористија преку 200 граѓани.
Во текот на целата манифестација се делеше промотивен, едукативен материјал и брошури со совети и информации за контролирање на високиот крвен притисок, совети за начинот и динамиката на откажување од цигари и друг вид брошури со корисни совети за здрав стил на живот.
Главната цел на Светскиот ден на здравјето за 2013 година е да се намалат инфарктите на срцето и мозочните удари кои се резултат на покачениот крвен притисок.