Персоналот на Одделението за трансфузиологија во Охрид утре треба да биде тестиран дали има коронавирус, откако бил во 14 дневна изолација поради контакт со пациент кој има коронавирус. Министерството за здравство го потврди случајот за „А1он“. Оттаму велат дека изолацијата на персоналот следувал откако на одделот дошол пациент позитивен на коронавирусот, кој според министерството, во тој момент не знаел за тоа бидејќи немал симптоми.
Министерството за здравство кажа дека персоналот од охридска трансфузиологија е во изолација од 10 март, односно 10 денови пред да биде соопштено дека има прв заболен граѓанин на Охрид од коронавирусот. Во јавноста за прво лице позитивно на коронавирусот во градот, министерот Венко Филипче соопшти пред три денови, односно на 20 март. Непознато е дали пациентот кој се лекувал на трансфузиологија е прво заразениот од Охрид или друго лице.
„Одделението за трансфузиологија во Охрид е затворено поради тоа што персоналот бил во контакт со лице кое преку Мој Термин имало закажано за припишување на терапија и било без никакви симптоми во моментот на закажаниот термин, по што после неколку дена се дознало дека истото е позитивно на коронавирус. Во моментов цел персонал е во изолација до 24 март“, велат од Министерството за здравство за „А1он“.
Пациентот кој е позитивен на коронавирус, термин добил од неговиот матичен лекар, преку системот „Мој термин“. Во тој момент, од Министерството за здравство велат дека тој немал никакви симптоми, за по неколку денови да се дознае дека е позитивно на коронавирусот.
„Сите се во изолација од 10 март по решение од Институтот за јавно здравје Охрид кое им истекува во среда на 24 март по што ќе се земат примероци за да се направат контролни брисеви за тест на евентуално пренесување на коронавирус. До сега, ниту еден од нив нема појавено симптоми на вирусот“, додаваат од Министерство за здравство.
Непознато е кога повторно ќе биде отворен одделот за трансфузиологија.