Службениците кои работат на издавање на лични документи во зградата на МРТВ се жалат дека во управните служби на МВР деновиве има зголемена гужва од граѓани кои доаѓаат на претходно закажани термини. Тие велат дека не се чуствуваат сигурно поради состојбата со коронавирусот, бидејќи утрото можеле сите да влезат внатре, а откако се побуниле, дел од граѓаните кои имале термини чекале пред влезната врата.
Од фотографиите се гледа како и по седум лица стојат пред влезот во зградата на МРТВ, кои иако имаат маски со цел заштита од локална трансмисија на вирусот, не го држат потребното растојание меѓу нив. Слично е и пред вратите од кабините внатре во зградата.
Служебниците се жалат и дека немаат средства за дезинфекција, како и маски и ракавици, односно дека МВР не им доставило. Тие тврдат дека за да се заштитат, сами од сопствени средства купуваат заштитни средства.
Техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев вели дека помошниот министер за управни работи во МВР го информирал дека нема посериозна гужва за издавање на лични документи. Тој не одговори на прашањето од „А1он“ дали е точно дека вработените не добиле средства за заштита и превенција од ширење на коронавирусот, но потенцираше дека доколку има потреба ќе биде донесена одлука од МВР за да се среди ситуацијата.
„На денешниот координативен состанок присуствуваше и помошникот министер за управни работи, при што кажа дека нема посериозна гужва од граѓани и дека по донесувањето на одуката односно уредбаа за продолжување на времетраењето на личните документи тој наплив на граѓани е намален. Доколку има потреба од страна на мвр ќе биде донесена соодветна одлука“, вели Чулев.
Претходно, МВР реши да го продолжи рокот на важење на личните документи, патните исправи, возачките дозволи. Закажаните термини за издавање на лични документи засега не се откажани од министерството.