Компаниите што произведуваат вински алкохол ѝ понудиле на државата да го откупува и да го користи за медицински цели, како средство за дезинфекција. За ова извести директорот на Царинската управа, Ѓоко Танаскоски. Тој посочи дека ваквиот предлог ќе биде доставен до Министерството за здравство.
„Царинската управа по барање на компаниите кои произведуваат вински алкохол со јачина од 70 до 80 проценти ќе предложи на Министерството за здравство, доколку квалитетот и составот на алкохолот го дозволува тоа истиот да се произведува и дистрибуира во медицински цели или за производство на средства за дезинфекција. Царинската управа во рамките на своите надлежности ќе ја регулира, контролира и олесни постапката на производството и дистрибуција на алкохолот до крајните корисници“, рече Ѓоко Танаскоски.
Тој додаде дека Царинска управа регистрирала поголем извоз на производи од кондиторската индустрија односно слатки.
„Со воведување на рестриктивните мерки, Царинската управа заедно со сите други надлежни институции, направи анализа на увозот на сите неопходни продукти кои се со забрана за извоз, но и на другиот дел, продукти за кои има дозвола за извоз. И двете одат регуларно, без попречувања. Секое зголемено ниво на увоз е добредојдено, но имаме и зголемен извоз во делот на кондиторска индустрија што е многу добро за нашата индустрија“, додаде Танаскоски.