Преку локална трансмисија 30 лица заболеле од корнавирус, откако на почотокот од март имале гостин од Србија кој бил во нивните канцеларии на работа, сведочи за „А1он“, Иван Стефановски, едне од заболените. Вирусот се ширел, а откако неколку од колегите први се тестирале во приватни болници по одредени симптоми и тестовите биле позитивни, и останатите вработени се јавиле на тестирање. Тие веднаш се изолирале, немале никаква комуникација со други луѓе.
Иван Стефановски е првиот во Македонија кој јавно објави на социјалните мрежи дека има корнавирус, поради, како што вели, да превенира и да укаже колку е сериозна состојбата. Тој имал симптоми, како треска, покачена температура, болки во мускули, сува кашлица и губење на мирис и вкус. Стефановски веднаш штом слушнал дека има заразени колеги, се самоизолирал и два дена ги чекал резултатите од Институтот за јавно здравје. Од терапија прима само парацетамол и витамини, а при влошување на состојбата, веднаш треба да ја контактира докторката која му кажува како да постапи.
„Не бев заразен прв. Дома последно бев во понеделникот. Вторникот сабајлето отидов на работа. Дотогаш, се чувствував во ред, без ништо да осетам, но можно е да сум бил заразен. Кога дознавме, веднаш, сите отидовме дома. Јас бидејќи имам празен стан во Маџари, дојдов тука да се изолирам бидејќи мајка ми има 75 години и живее со мене и сопругата, а имам и мало дете. Дојдов тука. Денес ги тестираа нив, ќе видиме дали се позитивни. Ова е лошо бидејќи и ако нема симптоми, можно е да си заразен. Дури и пред да дознаам дека имам заразени колеги, но и пред симптомите, со други луѓе контактирав најминимално, бидејќи дома имам ризични категории на луѓе“, вели Стефановски за „А1он“.
Апелира, сите да ги почитуваат мерките и препораките, да останат дома и да не излегуваат без потреба.
„Народов не е свесен. Ги гледам од тераса, гужва беше деновиве. Претходно по социјални мрежи гледам дека сите шетаат. Тие не се свесни дека младите ќе го пројдат вирусот лесно, но ќе ги носат на душа постарите. За хаосот кој ќе настане, не сакам ни да замислам. Сто луѓе ми се понудија да ми донесат нешто, но ако избие хаос, кој ќе ми донесе? Тешко мене ќе биде. Објавив јавно за да се подигне свеста дека не се овие изолирани случаи во Дебар и се шири во Скопје, без да знаеш. Тоа е проблемот. Тоа што ги критикуваат луѓето дека шетаат, тоа е бидејќи тие немаат никакви симптоми. Имаме колешки кои трет ден немаат симптоми. Тие се свесни дека знаеле дека имале контакт и седеа дома, ама еве, некој што не знае, ќе го рашири многу брзо. Затоа пишав, бидејќи и без симптоми се шири“, вели Стефановски.
Тој два дена ги чекал резултатите, а за тоа време, бил во самоизолација, во друг стан одделен од семејството. Стефановски вели дека не сака да ги критикува институциите, дава поддршка за здравствените работници, но според него, бавно се обработуваат резултатите. Тој вели дека сфаќа оти станува збор за многу пациенти, но стравот е да не се случи крахирање на здравствениот систем како во Италија. Сега, ги чека резултатите за неговото семејство, за што е најмногу загрижен.
„Во петокот ми земаа брис, дури денес ми се јавија за резултатите. Бавни се, нема координација. Тоа е мој впечаток, не е критика туку апел да се подобри системот. Примам парацетамол и витамини, така ми кажа епидемиологот. Како кај грип, лекувањето трае како кај грип, освен ако не ти се искомплицира. Ми рече дека ако осетам потешкотии во дишење ќе ме носат во болница бидејќи таму е веќе хаотично. Денеска ги тестираа мајка ми, сопругата и детето, ама за резултати, ако судам по моето искуство дека ги добив за два дена, со зголемена гужва, може и три дена. Веројатно не можат да постигнат. И во „Жан Митрев“ е преоптоварено, бидејќи првите денови колегите добиваа веднаш резултати, а сега се чека и по два-три дена“ објаснува Стефановски за „А1он“.
За справување со коронавирусот, Стефановски во текот на разговорот со екипата на „А1он“ кажа дека треба решат недостатоците во здравствениот систем кој се појавиле, со цел превенција од вирусот и заштита на граѓаните, како и да се отстрани „пинг-понг“ шетањето од институција во институција.
„Не сакам да ги критикувам бидејќи и ним им е тешко. Се јавив за резултатите, едната ми вика резултатите се во Институт за јавно здравје, јавете се таму. Вртам таму, а тешко се добива, по стопати треба да се ѕвони, ми вика ‘да, резултатите се кај нас, ама ќе ви ги соопшти институцијата која ви го земала брисот’. Пинг-понг ме шетаа. Вечерта ми се јави жена од санитарна инспекција, да ми даде решение за изолација. Ние во вторникот пративме е-маил со сите контакти со телефонски броеви, адреси, се. Не се јавија ни кај пет колеги, од 55, за да проверат дали се во ред. Како што добивавме симптоми, така ние се јавувавме. 95% од колегите на приватно се тестираа“, додава Стефановски.