Бугарите почнаа тридневни молитиви по самозапалувањето на четворица мажи, за време на протестите одржани во земјата поради сиромаштијата.
Иницијативата за одржување на молитивите за починатите е донесена по состанокот на бугарскиот претседател Росен Плевнелиев со старешините на православните цркви и на муслиманската, еврејската и католичката заедница.
– Мораме да имаме повеќе надеж и да веруваме дека можеме да се извлечеме од оваа ситуација, рече Плевнелиев.
Тој порача дека од сите предизвици треба да се извлече лекција и повеќе да се верува и додаде дека на народот му е потребна поголема солидарност и хуманост.
Специјални молитви ќе бидат одржани ширум земјата во православните и католичките цркви, џамиите и синагогите, денеска, в сабота и в недела.
Православната црква изрази загриженост поради бранот самозапалувања, а неодамна избраниот патријарх Неофит им порача на верниците да не си го одземаат животот под никакви околности.
– Бугарите не смеат да бидат жртви на безнадежност, порача тој.
Појавата на феноменот на самозапалување во земјата ги потресе Бугарите, а најпознат е случајот со 36-годишниот Пламен Горанов, кој почина минатиот месец, откако се запалил во Варна за време на протестите против градоначалникот.
Бугарија е најсиромашната земја-членка на ЕУ, во која просечната плата изнесува околу 400 евра, а пензиите околу 200 евра.