Славчо Чадиев кандидат за градоначалник на Велес од коалицијата „За подобра Македонија“ на денешната прес – конференција потсети на неговото дадено ветување дека ќе спроведува коректна, достоинствена и цивлизирана кампања.
Тој потенцира дека целта и во овие две седмици до вториот изборен круг му била да ги презентира новите дела во секој дом, секое маало и секоја населба, да оствари средба со секој човек.
– Јас сум особено горд од сето она што ние го имавме како средба со граѓаните на Велес. Задоволен сум од она што ние го чувме од нив. Зборувавме за иднината со економски развој, со нови индустриски зони, Велес со современи училишта и градинки. Зборувавме за Велес како најчист град, за Велес како културен и спортски бренд, за Велес како град на горди и задоволни граѓани, за поубав Велес. Големата и искрена поддршка која ја добиваме е доказ дека граѓаните во нас препознаваат партнер за решавање на проблемите и градење на подобра иднина, рече Чадиев.
Тој изрази благодарност и до различните општествени структури со кои се остварени конструктивни средби изминатиов период, како и за поддршката од медиумите.
Чадиев потенцира дека заедничката соработка меѓу Градоначалникот, Советот на Општината и Владата на Република Македонија ќе донесе подобра иднина за сите.
– На Велес му треба Локална самоуправа предводена од луѓе кои секојдневно ќе бидат во контакт со клучните фактори во државата кои се во можност да му помогнат на градот.Тоа е еден од најбитните елементи за развој и напредок на Велес, рече Чадиев апелирајќи на 7.Април граѓани на Велес масовно да излезат на гласање и да го дадат гласот за ВМРО-ДПМНЕ и за него како кандидат за градоначалник, потенцира Славчо Чадиев кандидат за градоначалник на Општина Велес.