Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), кој е дел од владејачката коалиција во земјата, попладнево ја достави до Собранието иницијативата за гласање недоверба за кабинетот на премиерот Албин Курти, јави дописникот на МИА од Приштина.
За свикување седница за гласање доверба за владата потребни се потписите на 40 пратеници во 120-членото Собрание на Косово, додека ЛДК, според извори од партијата, успеала да обезбеди 46 потписи.
Косовските медиуми известуваат дека двајца од пратениците на ЛДК не го дале својот потпис, меѓутоа тоа го сториле пратениците на опозициските Алијанса за иднината на Косово (ААК), Социјалдемократска иницијатива (Нисма) и Алијанса ново Косово (АКР).
Најголемата опозициска партија, Демократската партија на Косово (ПДК), која има 24 пратеници, сé уште не се изјаснила дали ќе ја поддржи иницијативата на ЛДК за уривање на владата која ја води лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ), Курти.
За да се изгласа недоверба на владата потребно е мнозинство од 61 глас во Собранието.
Конфликтот меѓу коалициските партнери ЛДК и ВВ настана откако Курти во средата, на 18 март, го разреши министерот за внатрешни работи и јавна администрација од редовите на ЛДК Агим Велиу, по што ЛДК објави дека ќе ја растури коалицијата и почна да собира потписи од пратениците во Собранието на Косово за гласање за недоверба на владата.
Лидерот на ЛДК Иса Мустафа денеска порача дека ќе се откаже од намерата за растурање на коалицијата доколку премиерот ја повлече одлуката за разрешување на Велиу, се извини на ЛДК заради прекршување на коалицискиот договор и веднаш ја укине таксата од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина, како што упорно бараат Соединетите Американски Држави.