Во пресрет на претстојното гласање од вториот круг на изборите, како и прегласувањето на некои места во недела, Министерството за внатрешни работи заврши со постапување во периодот на кампањата во овие две недели и со планирањето на мерките и активностите за обезбедување на гласањето на 7 април.
Сите Сектори за внатрешни работи и Одделот за посебни единици, соопшти на денешната прес – конференција министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, имаат изготвено конкретни оперативни планови за обезбедување на изборниот процес со јасно дефинирани задачи и мерки за постапување на полициските службеници за време на изборниот процес согласно претходно направена проценка за можните ризици и кризни места каде би можело да се случат одредени нерегуларности во врска со изборниот процес.
Со полициска придружба, вчера е извршен транспорт на доверлив избирачки материјал од печатницата во Битола „Киро Дандаро“ до седиштата на 37 општински изборни комисии.
МВР ќе ги обезбедува 1.614–те гласачки места во 949 избирачки места, распоредени во 582 населени места, од 06-19,оо часот, односно се до целосно завршување на гласањето и на работата на Избирачките одбори.
Обезбедувањето опфаќа физичка безбедност на објектите каде се наоѓаат гласачките места и приодот до нив за време на гласањето, физичка безбедност на гласачките материјали и лична безбедност на гласачите, кандидатите, партиски работници или претставници, членови на ИО, акредитирани набљудувачи и воопшто јавноста- заедницата.
На денот на изборите, нагласи Јанкулоска, ќе се превземат сите неопходни мерки за отстранување на потенцијалните закани по безбедноста во овој период и тоа попречување на евентуални обиди за спречување на слободата на движењето на гласачите до и од гласачките места, спречување заплашување или малтретирање на гласачи,превземање мерки при евентуални закани насочени кон членовите на органите надлежни за спроведување на изборите, овластените набљудувачи, медиумите,спречување на напади, оштетување на објектите каде се врши гласањето, спречување на оштетување и одземање на избирачкиот и гласачкиот материјал на гласачките места, воспоставување на евентуално нарушен јавен ред и мир на гласачкото место по барање на Избирачкиот одбор, како и спречување носење на оружје на јавни места а посебно да не се дозволи носење на оружје во и околу гласачките места.
МВР, меѓу другото, ќе го обезбедува и изборниот материјал во сите фази на доставувањето.
– На 24 март, пред се граѓаните, покажаа и докажаа дека местото на Република Македонија е во Европската Унија. Покажаа дека мирно и демократски знаат да ја изразат својата воља и да ја одберат понудата со која сметаат дека имаат подобра иднина. Јас сум убедена дека крајно достоинствено, фер и демократски ќе помине и вториот круг, рече министерката Јанкулоска.
Таа упати порака дека нема да се толерира никаков обид или нарушување на изборниот процес. Сите инволвирани ќе бидат откриени и санкционирани.
Во однос на работењето на Управните служби, од МВР информираат дека граѓаните ќе можат во сите подрачни единици да аплицираат и во сабота за добивање нов личен документ, во времето од 08.30 до 16.30 часот, додека во недела само ќе се издаваат веќе изготвените документи. Единствено во Скопје граѓаните ќе може и во недела да аплицираат за лична карта.
На новинарско прашање дали до МВР е пристигнато некакво барање за асистенција во врска со истрагата за случајот со ОПштинската изборна комисија во Чаир, Јанкулоска информира дека до утрово нема барање з аконкретна активност од МВР.
– Целосно сме ставени во функција на сите барања на обвинителството во расчистување на овој и кој било друг случај, не само поврзан со изборите, туку по секој по кој постапува обвинитеслтвото, истакна министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.