Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на денешната прес-конференција информираше дека вкупниот број на лица во самоизолација на ниво на цела држава е 3.787, а дека во изминатите 24 часа е извршена контрола на 3.252 лица со наредба за самоизолација. Истакна дека како резултат на извршените контроли од страна на полициските службеници досега поднесени се 39 кривични пријави и едно известување до Основното јавно обвинителство.
– Бројот на лица во самоизолација е 1.088 на територија на град Скопје, а на вкупната територија е 3.787. Во текот на изминатите 24 часа, Секторот за внатрешни работи Скопје контролираше вкупно 182 лица со решение за изолација, а на територија на државата извршени се вкупно 390 контроли. Од страна на СВР Скопје во текот на изминатите 24 часа извршена е контрола на 712 лица во самоизолација, а на територијата на целата држава полициските службеници извршија 3.252 лица со наредби за самоизолација, наведе Чулев.
Министерот посочи дека на подрачјето на СВР Скопје, заклучно со денеска на 215 лица им се изречени решенија за изолација со мерка за здравствен надзор, додека на ниво на цела држава до овој момент се изречени 349 изречени наредби кои што МВР ги контролира на лица со мерка здравствен надзор.
– Од страна на полициските службеници при извршени контроли констатирани се во изминатите 24 часа, едно непочитување за изолација и пет непочитувања на изјавите за самоизолација, додека на територија на државата од страна на полициските службеници се утврдени 27 лица кои требало да бидат во самоизолација, а не се затекнати на адресите на кој што е извршена контролата, рече Чулев.
Тој истакна дека од страна на припадниците на СВР Скопје во изминатите 24 часа извршена е контрола на вкупно 81 објекти, од кои три не ги почитувале одлуките на Влада, при што се преземени мерки и соодветни активности, додека вкупниот број на контролирани објекти на територијата на цела држава во изминатите 24 часа е 462 објекти, при што констатирано е дека шест од нив не ја почитувале одлуката на Владата и преземени се соодветни активности.
– Како резултат на извршените контроли заклучно со денеска, поднесени се вкупно 39 кривични пријави и едно известување до ОЈО. При што 39 кривични пријави се по член 206, а 12 по член 205. Во однос на некои сторители поднесени се кривични пријави во однос на двата члена. Кривичните пријави се однесуваат за вкупно 47 сторители, нагласи Чулев.
ИПА денеска обезбеди заштитна опрема за припадниците на полицијата. Обезбедени се 900 маски за повеќекратна употреба, како и ракавици и антибактериски гелови кои денеска ќе бидат поделение во 17 полициски станици како и на припадниците кои се на граничниот премин Блаце.
Чулев се заблагодари за опремата и наведе дека е распишан тендер за набавување на заштитна опрема за припадниците на полициските служби.