Владата на Шпанија денеска донесе одлука за затворање на сите хотели и хостели во земјата, во обид да го запре ширењето на коронавирусот, од кој досега во таа земја починаа 1002 граѓани, а 19.980 се заразени.
Сите хотели мора да ги заклучат вратите откако ќе заминат и последните клиенти кои се таму, а најдоцна во рок од една недела.
„Собирањето луѓе во туристички сместувачки места, каде користат заеднички простории, го зголемува ризикот од зараза, па затоа е неопходно да се спречат луѓето да се движат таму. За да се спречи ширењето на вирусот, ние за јавност ги затвораме ваквите објекти”, соопшти шпанското Министерство за здравство.
Во Шпанија, околу 10 проценти од хотелите останаа отворени, откако минатата недела беше донесена забрана за движење за 47 милиони жители и туристи, освен кога одат на работа, по намирници, аптеки, болници, банки, киосци, бензински пумпи или да го прошетаат кучето.
Затворањето на хотелите ќе биде нов удар за економијата, зависна од туризмот. Плажите се затворени од неделата, при што полицијата ги предупредува туристите да се вратат во хотелите преку разглас на англиски јазик.