Од изборниот штаб на кандидатот на опозицијата за градоначалник на Богданци, д-р Зоран Прочков, истакнуваат дека меѓу двата изборни круга во Богданци како „демократски прилог во изборниот процес“ на некои граѓани им се поделија огревно дрво, нафта, пари, патики и други здравствени услуги за да се купи нивниот глас.
Извршители, велат, на ваквите неоправдани изборни нерегуларности во водењето на кампањата се владини претставници, заменици-министри, пратеници, директори на општинските јавни претпријатија, училишта и други јавни установи.
Јавна тајна, осочуваат од изборниот штаб, е дека претпријатието „Млаз“ е претворено во изборен штаб на кандидатката на ДС, Анастасија Олумчева, каде што нејзиниот татко е претседател на Управниот одбор, а претседателот на општинскиот огранок на Демократскиот сојуз, Петар Шимов, е доверител на мнозинскиот пакет акции.
„Наместо рестартирање на транспортното претрпијатие, деновиве главна преокупација е притисокот врз вработените за отстапување на гласот за Олумчева, во спротивно се делат откази на вработените. Застрашени од ваквиот однос на раководниот тим на „Млаз“ во корист на политиката наместо бизнисот, вработените почнаа масовно да ги повлекуваат своите акции од доверителството на Шимов“, велат за А1он од штабот на Прочков.
Предупредуваат дека во играта на закани и недолични убедувања не помалку е вклучен и Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ за Богданци. Така, претседателот на Унијата на млади сили Оливер Трајков, кој, иако е на работно место во општинското основно училиште „Петар Мусев“, секојдневно престојува во средното општинско училиште „Богданци“ со цел да ги регрутира новите членови во избирачкиот список, полнолетните средношколци што за првпат треба да гласаат на локалните избори 2013 година, со агитирање својот прв изборен глас да го дадат за кандидатот од коалицијата на власта.
„Закани за откази на вработените од јавните претпријатија, барање да донесат по десет нови гласачи за партискиот кандидат на ДС и коалицијата „За подобра Македонија“, закани за укинување на социјалната помош, закани за укинување на паричната помош за нега од друго лице, закани за неодобрување други регуларни барања на граѓаните во однос на градежни или урбани зафати, се исто така, дел од двонеделните секојдневни притисоци што ги трпат богданчани во периодот од првиот до вториот изборен круг“, велат од опозицијата.
Укажуваат дека користењето на јавните ресурси, како што се огревното дрво, но и здравствените услуги на граѓаните, со одобрување на Општа болница од Гевгелија, каде што мајката на кандидатката Олумчева врши проверка на шеќер во крвта на граѓаните со посета во домовите од населените места, се врв на незаконските искористувања на јавните ресурси во корист на партискиот кандидат на позицијата.
„Ја прашуваме јавно кандидатката Олумчева: Дали ако победи ќе го амнестира недомаќинското работење на досегашниот градоначалник на Богданци, кој беше избран од редовите на ВМРО-ДПМНЕ? Тој во својот изминат мандат не направи ништо за Богданци, а остави долг од близу 200.000 евра“, истакнуваат од изборниот штаб на кандидатот на опозицијата д-р Зоран Прочков.„Премиерот Никола Груевски им се зaкани на граѓаните на Општина Богданци дека ако не ја изберат Анастасија Олумчева за градоначалник нема да даде пари од државниот буџет за Богданци. Го прашуваме како ќе го стори тоа?
Образованието, културата и детските градинки се под капата на соодветните министерства и тие МОРА да ги финансираат врз основа на годишните програми. Општинскиот буџет нема никаква врска со државниот буџет. Средствата од кои се полни општинскиот буџет се регулирани со закон. Тие средства што му припаѓаат на Богданци од државниот буџет ќе дојдат во општинскиот буџет без разлика кој ќе биде градоначлник и без разлика која партија е на власт и кој е нејзин премиер.
„Но граѓаните не се од вчера, тие за овие седум години го прочитаа Никола Груевски, го прочитаа ДПМНЕ, ги научија нивните лаги и нема да се фатат на оваа лага на Никола Груевски, па на 7 април (на Благовец) масовно ќе излезат и ќе гласат за д-р Зоран Прочков, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Општина Богданци. Граѓаните ќе си гласат за бројот 42“, децидни се во пораките до своите сограѓани претставниците на опозициониот изборен штаб и нивниот кандидат за градоначалник на Богданци во следниот четиригодишен период.